Страв и параноја во Скопје. Една зимска вечер решив да се забавувам со друштво низ градот убав. Така видно расположени почнавме уште од маало, па продолживме кон центарот на сите случувања право во окото на бурата. Морам да повторам дека беше зимска ноќ, некаде близу под нулата, иако девојките со својата облека се обидуваа да ме измамат дека е пролет. Не се жалам, само ме интересира чии јајници ќе раѓаат трети деца за да учат факултет!? Веднаш да се издвои од буџетот средства за заштита на потомокот и ако може уште некој штрајк зошто не се доволно блокирани улиците и онака. Безгрижно така се забавуваме, смееме, играме и опуштено си редиме флаша по флаша на масата, кога времето да одлетало и да треба да се движиме кон дискотека. Дискотека во Скопје е поим за сето зло на адолесенцијата, па така се спремивме само да прелетаме низ сите тие мангупски места. Инаку тука може да јадете сладолед од ванила, да бидете социјални, да бидете наводно милионери и да заглавите некаде на полноќ… Се мразам себе си поради ова, ама проклет да сум морав да си го пишам вака, за да се мразам повеќе.
Додека се приближуваме кон нашата следна дестинација, ме јаде туѓиот срам од околината во која пијани прават драми по градскиот плоштад. Преживеав, влегов во клубот, нарачав пиење, се потпрев и чекав. Милиони лица поминаа, играа, гледаа, скенираа, збореа, пиеа, се мрштеа, се смееа. Се напив уште некоја пијачка, отидов три пати до тоалет, сретнав познати лица, запознав непознати и одлучив дека е крај на вечерта, а ние мртви гладни, во раните утрински часови. Сакавме да појдеме до Хром да јадеме крофни или до Чаир да јадеме баничка, ама најблиску беше Портата и една сендвичара. Се удавивме во гнасотијата без вкус прелиена со безброј сосови, кога од нигде позади мене драма! Некои копилјаци и некои не баш копилјаци се зашлапаа среде цело стадо гладни скопски мажјаци и женки. Не личеше на тепачка, повеќе на туркање, кубење и пискање. Се ќе беше во ред ако не се појавеше обезбедувањето. Со сета своја импозантна појава, обезбедувањето одлучи од никаква тепачка да направи акционен филм, па така почна да се дере, да бутка луѓе и за кратко време гледав сцена во која едно дете од едвај 60тина кила беше залепено за ограда, па фрлено на земја. Падот беше толку јак што на кутриот патиките му се разлетаа наоколу. Страв! Филмов заврши со малиот во пластични лисици (очигледно вистински лисици се само за вистински полицајци и сексуални девијанти), со една кола алфи и едно комбе полицајци. А се праша ли некој зошто, зошто толку ресурси беа потрошени за деца кои само се загураа? Се поради тоа што некој сакал да има што да се пофали на другарите кога ќе излезат на кафе, да стави лисици и он некому за првпат во животот или само да ја искаже сопствената импотентност…
За крај, немилиот инцидент и полните клубови со стерилни лица ме натераа да помислам дека ноќниот живот во Скопје изумре пред неколку години, освен неколку чесни исклучоци, приватни забави и концерти. Имаме забави без забава, имаме подиуми на кој никој не игра, имаме пудра за сите пари и имаме малолетници кои ја трошат пензијата на баба и дедо. А за кого ли останаа тие подиуми празни без ниту еден искрен танц, за што ги заменивме понизниоста, шармот и насмевката? По се изгледа многу е важно да имаш јака штикла, кратка суќна и набилдана ќелавица под рака, зошто ако е ќелав и ако е набилдан шансите да биде обезбедување се околу 80%, а не заборавајте дека обезбедувањето е Главно овде. Параноја!
Патетично ваш,
Холовиц