Драго Скопје,
Си немаме пишано долго време, се заборавивме. Ете јас зафатен со квази депресија и работа, а ти задушено од голема прашина крената за џабе. Што да правиш, живот. Додека буткаме и јас и ти некако, забораваме што вистински значеше Скопје. Полека и да не се познаваме… Кога патував почесто секое мое враќање беше дом, сега патувам поретко, а со секое враќање одвај те препознавам. Те облекоа во “стара” ефтина барокна руба и те накитија со позлатени дрангулии. Не те прашаа како ти е дали дишиш, само те накитија и те оставија да се задушуваш полека, но сигурно. Сепак тоа е тоа – реченица која се провлекува низ годиниве, реченица која што е ахилова пета за секој од нас.
Слушнав некој фрлал бомби, се уплашив за момент додека не видов квази анонимуси како трчаат во одбрана. Потоа читав коментари, мејлови, слушав нечии разговори, а не знам зошто. Никој од овие не ти требаат. Може сите да се гонат во ПМ. Тебе, нас, на сите ни требаат оние кои наместо празни зборови превземаа акција, оние кои застанаа во одбрана на нешто навистина свето, оние кои имаат поголеми муда од сите нас. Можеби веќе знаеш кои се тие, тие се студентите, најхрабрите помеѓу нас. Мислев дека додека јас бев студент бевме тврдоглави да ја избуткаме правдата на крај, но не, овие се подобри. Можеби и најдобри. Додека сите ние полека се претворивме во јагниња спремни да не прегази машината наречена систем па како мирни и послушни јагниња ни звук да не испуштиме при секој притисок колку и да е тој неиздржлив, тие – студентите застанаа и викнаа на глас. Кога заврши викањето мирно седнаа да го бранат она во кое што веруваат, да го одбранат знаењето, универзитетот и значењето на зборот студент.
Тоа е моето мислење, што би знаел пак јас, што би знаел еден изгорен евреј од твоето маало. Смогот сеуште не гуши, опинците тешко газат, чорапот повторно скинат.
Твојот Холовиц.
P.S. А да ќе заборавев No pasaran!